Free Essay

Неколку Збора За Етичкиот Кодекс На Универзитетот „Кирил И Методиј“ Виден Преку Очите И Разбран Со Умот На Еден Интелектуалец

In:

Submitted By ajakimov
Words 1667
Pages 7
ЕСЕЈ

Неколку збора за Етичкиот Кодекс на Универзитетот „Кирил и Методиј“ виден преку очите и разбран со умот на еден интелектуалец

Кандидат на докторски студии: Александар Јакимов
Универзитет „Кирил и Методиј“ – Скопје
Економски факултет – економски науки
Email: jakimov_aleksandar@yahoo.com

Читајќи го Етичкиот Кодекс на Универзитетот „Кирил и Методиј“ низ глава ми поминаа некои прашања за кои во моментот немав одговор или одговорот беше делумен , но кои во многу нешта ја разбудија мојата љубопитност и желба за истражување и добивање на одговори на тие прашања. Почнав од тоа да ги добијам точните одговори за тоа што е Кодекс, каков е процесот на создавање на кодексот, кои елементи се основа за негово создавање, која е потребата од негово постоење и сл. Дојдов до следните сознанија.

Кодексот претставува збир од правила и норми средени и систематизирани во еден документ кои се однесуваат на група луѓе кои ги поврзуваат исти интерес и иста дејност. Етика е наука за моралот која ја истражува смислата и целта на моралните норми како и основните критериуми за моралните вредности. Поаѓајќи од ова Етичкиот Kодекс го сфаќам како документ во кој се сместени правилата и нормите кои го регулираат начинот и моралното однесување на луѓе кои ги поврзува иста дејност, интереси и потреби. При тоа секој од групата мора да почитува определени вредности кои се истакнуваат во тој етички кодекс. Во поглед на битните елементи би ги истакнал вредностите што се промовираат во кодексите. Едноставно за да има процес на создавање на Кодекс мора да постојат и вредностите, затоа што тие ги одразуваат мотивите и суштинските прашања околу кои се собираат институциите и луѓето кои што сакаат да ги промовираат тие вредности. Секој етички кодекс е вграден во темелите на широко споделувани вредности. Вредностите кои вклучуваат: посветеност на јавното добро, одговорност за својата работа пред јавноста, респект на вредностите и достоинството на поединецот, вклученост во социјалната правда, респект на плурализмот и разнообразноста, транспарентност, интегритет и чесност, одговорен однос кон средствата и ресурсите, посветеност на врвни достигнувања и одржување на довербата на јавноста. Според мене овие вредности се темелник за создавање на етички кодекс од типот на Етичкиот Кодекс на Универзитетот „Кирил и Методиј“.

Принципите и стандардите запишани во Кодексот се саморегулаторни, што значи дека самите институции, дејци и студенти ја преземаат улогата да ги развиваат и да се раководат според истите. Прашањето кое ми се наметна е дали Етичкиот Кодекс на Универзитет „Кирил и Методиј“ со поставените правила и норми реално го отсликува однесувањето на луѓето кои се инволвирани во оваа институција или Кодексот само декларативно и фиктивно претставува какви би требало да бидат идеалните меѓучовечки односи во рамките на една Високо-образовна институција во која би се почитувало достоинството на секој нејзин член без разлика на кое ниво се наоѓа на хиерархиската скала?

Донесувањето на добар Етички Кодекс и почитувањето и имплементирање на истиот е прв чекор кон транспарентност на една институција, во овој случај Универзитетот „Кирил и Методиј“. Би се задржал малку на процесот на донесувањето на етички кодекс како би можел потоа аналитички да ја опсервирам содржината на Кодексот и одржливоста на нормите и одредби кои се формулирани во него. Процесот на донесување на Кодексот на однесување е многу битен, исто толку, колку што е битен и самиот текст на кодексот. Овој заклучок природно произлегува од концептот на кодексите како документи коишто ги одразуваат заедничките вредности на една група и коишто претпоставуваат учество во процесот на создавање и поддршка. Во тој поглед она што според мене е најважно е да се дефинира постоење препознатлива група луѓе кои имаат заеднички карактеристики и интереси и коишто ќе го изработат и потоа ќе го применуваат кодексот. Критична маса којашто може да ги формулира причините и целите на изработката на Кодексот. Во тој поглед целосно се согласувам со јасно определената цел на Универзитетот, а нормирана во Кодексот која гласи „Првата цел на Универзитетот Св. Кирил и Методиј е Знаењето, а основни вредности се Вистината, Добрината и Убавината.“ Дефинирањето на Знаењето како цел е сосема логичнa последица на главната дејност на луѓето во оваа високо образовна институција и задача на дејците и интелектуалците е агресивно следење и имплементирање на знаења од врвни светски достигнување, систематизација на нови научни сознанија и нивно координирање со веќе постоечките. Таквите знаења да се канализираат и пренесат на студентите соодветно на нивниот степен на студирање. Достигнувањето на целта Знаење ги дава вредностите Вистина, Добрина и Убавина. Знаењето ја раѓа Вистината и Спознавањето. Колку повеќе знаеме и се самоспознаваме, толку повеќе сме подготвени да ја ослободуваме својата мисла. Сопствената мисла е најмоќното оружје кое секој поединец може да го искористи. Затоа Знаењето претворено во мисла кај секој деец и интелектуалец би требало да ја одразува добрината и убавината на човечката душа, бидејќи тоа се основните вредности на кои би требало да се потпира човештвото и целокупните општествени односи. Вистината до која се доаѓа преку учење и стекнување на знаење ја облагородува душата,прочистува мислата и го проширува световниот видокруг.

Отвореноста и транспарентноста на работата на Универзитетот е исто така „императив“. Тој треба да овозможи образовниот процес да биде отворен за сите заинтересирани страни и секој да има пристап до сите информации и воедно да обезбеди и повратна реакција. Слободниот проток на информации треба да биде овозможен за сето времетраење на процесот на работење. Во тој контекс ја разбирам и одредбата која е пропишана во Кодексот на Универзитетот со која работата на Универзитетот се дефинира како јавна.
Би полемизирал во врска со нормата „Односите на Универзитетот се градат врз достоинство и самодостоинство на неговите институции, дејци и студенти во нивните меѓусебни односи владее лојалност, почитување и заштита на заедничките интереси“, од Кодексот. Со должно почитување кон авторот кој ова многу убаво го кажал, во потврдна исказна форма, поточно, констатација јас ова би го кажал со помош на честицата би, користејќи можен начин бидејќи многу често во меѓусебните односи меѓу институции, дејци и студенти не владее лојалност, почитување и фер однос. Би било преубаво кога би било така, но за жал не е. Често се гази врз достоинството на студентот. Честа е појавата на сексуална изнуда, мито и корупција.Никој гласно не говори, но шепотот за ваквите појави е сепак прегласен. Што презема Универзитетот во врска со ваквите појави, бидејќи и во Кодексот како последна одредба е дефинирано дека нормите се задолжителни за сите наставници и студенти. Кој механизам треба да се искористи за она што е дефинирано како задолжително да стане навистина такво без притоа да мора да бидат инволвирани органите на прогонот?

Според оваа норма меѓучовечките односи треба да се градат врз достоинство и самодостоинство на секој поединец. Јас би прашал што е со достоинството на студенти со посебни потреби? Каква самопочит би почувствувал студент кој поради телесен недостаток не може да присуствува на предавање? Зарем самопочитта не се губи во немоќта достоинствено да се покаже силата на сопствениот интелект и истиот да се развие и понатаму усоврши на некоја од научните институции на Универзитетот. Каде е овде рамноправноста и уживање на еднакви можности? Дали се почитува правото на овие студенти за достапност на литература и нагледни средства во облик каков би можеле да ги конзумираат тие (книги за слепи, кабинети за лица со оштетен слух) и сл.? Одговорот е не.

Во поглед на нормата дека Универзитетот се застапува за единствен свет и одбрана на плурализам на сознанија, би рекол дека интелектуалците од Универзитетот се повеќе влегуваат во разединетост и партиска поделба и партиски плурализам наместо плурализам на сознанија, како резултат на што се доаѓа до конфликти и нарушени меѓучовечки односи. Во таква една поставеност и констелација реално е да се заборави на сопствената лична вредност, да се протежира туѓа мисла и идеја и да се игнорира вредноста на другите. Секој интелектуалец треба себе си да се гледа како важна алка во заедницата, да биде свесен за своите вредности, да се почитува себе си и да не го губи сето она што макотрпно го градел за една скришна нечесност која може да избрише се она што поединецот го постигнал и да го врати на почеток. Секој наставник и вработен во Универзитетот без разлика на титулата која му стои пред името, треба „со двете нозе да биде на земја“, да нема вообразеност, да биде пријателски расположен и лесно достапен за комуникација. Големината на интелектуалецот е да препознае вредност во секој поединец и да го почитува интегритетот на секоја личност, како и правото на рамноправност при искажување на мислење без разлика дали се работи за студент, или универзитетски професор со највисока титула. Во таа смисла целосно ја подржувам инплементацијата на нормата од Кодексот „Универзитетските институции, дејци и студенти се еднакви и рамноправни“.

Општо прифатено е дека „Децата се огледало на воспитувањето на своите родители“ и дека угледот на семејството го чуваат и негуваат сите негови членови. Ваквото општоприфатено мислење може да се проектира врз било која институција чија работа е јавна, а особено институција чија работа има воспитно-образовен карактер. Во таа смисла нормата од Кодексот „Сите на Универзитетот го чуваат неговиот углед како и својот личен углед“ во себе содржи воспитна компонента бидејќи професорот чувајќи го својот углед и имајќи беспрекорно морално однесување му дава пример на студентот како понатаму тој да се изгради во личност со високи морални вредности. Слободно може да се каже дека личниот углед на секој поединец без разлика дали се работи за деец или студент е чувар на угледот на целиот Универзитет.
Во таа смисла би го дополнил кодексот со норма која би се однесувала на начинот на облекување и примерно поведение на секој наставник, студент или вработен на било кое работно место во Универзитетот. Во институција од типот како што е Универзитетот нема место за вулгарно и несоодветно облекување и нападно и непримерно однесување.

Од се она што досега го кажав произлегува дека наставниците и дејците во Универзитетот имаат голема одговорност која произлегува од местото кое го имаат во хиерархиската подреденост на Универзитетот и како интелектуалци и лидери во знаење треба со својата чест да ги бранат и извршуваат нормите од Кодексот кои како свои ги прифатиле и се задолжиле да ги имплементираат во секојдневната практика и на тој начин да ги направат вистински и одржливи.

Similar Documents